За Знакот за Квалитет

Знакот за квалитет е регистрирана и заштитена трговска марка. Тој претставува сертификат (унифициран и препознатлив знак) кој се доделува исклучиво на домашни млечни и месни производи со проверен и постојан квалитет. Знакот го доделува Здружението на производители на млечни и месни производи во Македонија.

Основна цел на програмата е унапредување на домашната месна и млечна индустрија преку:

  • Подобрување на реалниот и перцептивниот квалитет на домашните месни и млечни производи
  • Градење на свест и доверба во квалитетот на производите помеѓу потрошувачите
  • Зголемување на побарувачката и продажбата на производите во однос на конкуренцијата (увозните производи од истата категорија).

Програмата Знак за квалитет во Република Македонија се спроведува од декември 1998 година. Дизајнирањето на програмата се базира врз резултати од истражувањето на ставовите/мислењето на потрошувачите во врска со домашните млечни и месни производи. Резултатите покажаа дека потрошувачите ги преферираат домашните производи, доколку тие се со потврден и постојан квалитет.

 

Врз основа на овие истражувања, Здружението на производители на млечни и месни производи во Македонија со техничка, консалтинг и финансиска поддршка од Проектот за агробизнис маркетинг во Македонија, имплементиран од Land O’Lakes, Inc. и спонзориран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (USAID), ја создаде и веќе 3 години успешно ја спроведува програмата Знак за квалитет, оправдувајќи ја довербата на своите потрошувачи преку висок и постојан квалитет на своите производи.

 

 


Здружение на производители на месни и млечни производи во Македонија